На 7 октомври 2024 година, во Берово, се одржа официјалниот настан за одбележување на почетокот на активностите во рамките на стратешкиот проект „Воспоставување на нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало)“. Проектот е дел од Interreg VI-A ИПА програмата Бугарија - Северна Македонија, чија цел е подобрување на прекуграничното поврзување и економската соработка меѓу двете земји.
Во организација на Царинската управа на Република Северна Македонија, настанот привлече претставници од клучните институции, вклучително и Министерството за локална самоуправа, градоначалниците на општините Струмјани и Берово, како и медиуми и други гости.
Официјалните поздрави ги упатија: Бобан Николовски, директор на Царинската управа, Златко Перински, министер за локална самоуправа и Тони Јакимовски, раководител на Заедничкиот секретаријат на програмата Interreg VI-A. ИПП Бугарија - Северна Македонија.
Претставниците на двата главни проектни партнери – Царинската управа и Регионалната управа на Благоевград ги информираа присутните за напредокот на проектот. Нагласија дека новиот граничен премин ќе го олесни движењето на луѓе и стоки и ќе ја стимулира економската соработка во регионот.
По завршувањето на официјалниот дел, присутните го посетија местото на идниот граничен премин Струмјани - Берово (Клепало) од македонска страна, каде што се запознаа со моменталната инфраструктура и идните планови за развој на локацијата.